
Честа појава со која се сретнуваат трудниците во бременоста, најчесто во третото тромесечие претставува неволното мокрење.
Зошто се случува и дали може да се спречи?
Едно од најчесто поставуваните прашања на часовите за психофизичка подготовка на трудниците.
За да може да се спроведе соодветно лекување или терапија потребно е да се најде причината. Според причината ќе се утврди и за каков тип на инконтиненција станува збор.
“Стрес инконтиненцијата” најчесто се јавува при физички напор, кивање, кашлање па дури и при смеење. Најчесто се појавува кај жените заради слабост на мускулите во карличното дно, неколку кратна бременост и сл. Мускулите на карличното дно ги држат мочниот меур, матката и цревата и помагаат во задршката на урината. Доколку мускулите ослабат или се оштетат поради породување со епизиотомија, или расцеп на меѓичката при породувањето може да дојде до појава на стрес инконтиненција.
Една од причините исто така претставува и бебето во матката кое растејќи притиска на бешиката. Во периодот на бременоста под влијание на хормоните, зглобовите и лигаментите се омекнуваат. Ова дејство на хормоните ни е неопходно за породувањето бидејќи оние зглобови меѓу карличните коски кои се неподвижни стануваат подвижни овозможувајќи ширење на карлицата, а со тоа го олеснуваат процесот на раѓање на бебето.
Појавата на опстипација (тврда столица) исто така може да биде причина за стрес инконтиненција. Заради напорот која се дава при празнење на цревета се истегнуваат мускулите. Токму заради ова неволното мокрење најчесто се јавува во третото тромесечје од бременоста.
И самиот акт на раѓање на бебето може да биде причина доколку излегувањето на бебето се одвива брзо, бебето е крупно, а фазата на истискување на бебето трае подолго. Употребата на вакум при породувањето како и епизиотомијата исто така можат да бидат причина за појава на оваа состојба.
Доколку причината се појавила во тек на бременоста или доколку причина е самата бременост оваа појава на неволно мокрење може да исчезне после породувањето.
Потребен е преглед или консултација со гинеколог и уролог, лабораториски анализи на урина (бидејќи и уринарната инфекција може да доведе до неволно мокрење). Откако ќе се утврди причината се продолжува со лекување.
Може да се лекува конзервативно (лекови, физикална терапија, вежби) или оперативно.
Намалениот внес на течност не го решава проблемот. Обидете се да избегнување напнување при одење во тоалет, физички напор и вежбајте. Кегеловите вежби се алтернатива за зајакнување на мускулите на карличното дно. Додека кашлате, се смеете или кивате стегнете ги мускулите на карличното дно. Ниту честото празнење на бешиката по ваша желба неможе да го спречи неволното мокрење. Бешиката добива импулс за празнење кога е полна. Доколку мислите дека ќе го спречите неволното мокрење со често празнење на бешиката тоа нема да ја ублажи состојбата.