Доењето има многу докажани здравствени придобивки за мајките и бебињата, вклучително и превенцијата во спречување на појава на дијабетес. Ако се запрашувате дали можете да доите доколку имате дијабетес, одговорот е ДА!

Доењето е едноставен и природен процес кој му помага на вашето бебе да започне поздрав живот. Дури и ако имате дијабетес, можете и треба да планирате да доите најмалку шест месеци.

Доените бебиња имаат помал ризик да развијат дијабетес тип 1 и да станат обезни или прекумерната тежина да се манифестира подоцна во животот, што е фактор на ризик за дијабетес тип 2. Тие, исто така, имаат помала веројатност да имаат астма, егзема, респираторни заболувања, инфекции на увото и други сериозни здравствени проблеми.

Доењето може да го намали ризикот кај мајката од дијабетес тип 2, висок крвен притисок, рак на дојка, рак на јајниците, остеопороза и артритис. Исто така, може да ви помогне да ја изгубите зголемената тежина за време на бременоста и да закрепнете побрзо од породувањето.

Гестациски дијабетес

Во вториот триместар од бременоста може да ви биде дијагностициран гестациски дијабетес. Ова е обично привремена состојба во која вашето тело не произведува доволно инсулин за да ги задоволи вашите дополнителни потреби додека сте бремени, затоа се јавува зголемено ниво на глукоза во крвта (хипергликемија). Обично се дијагностицира од четвртиот месец од бременоста. Овие трудници имат поголем ризик да развијат дијабетес тип 2 подоцна во животот. Но, добрата вест е дека доењето може да го намали ризикот бидејќи му помага на вашето тело подобро да ги процесира гликозата и инсулинот.

Исто како мајките кои се на долготраен третман за дијабетес, добрата контрола на нивото на гликоза во крвта ќе ги минимизира сите проблеми за вас и вашето бебе. Третманот за дијабетес обично е непотребен откако ќе се породите.

Гестацискиот дијабетес може да биде рано предупредување дека сте изложени на ризик за дијабетес тип 2 подоцна во животот. Консултирајте се со вашиот лекар за да се тестирате еден до три месеци по раѓањето на вашето бебе. И преземете чекори за да го намалите ризикот: јадете здраво, управувајте со вашата тежина и бидете поактивни.

Можеби ќе ви се допадне:   ВЕБИНАР - Едукативни совети за доење и нега на новороденче во првите 100 часа после породувањето

Поголемо бебе

Дури и со одлична контрола, мајките со дијабетес имаат тенденција да имаат поголеми бебиња од просечните. Добрата контрола на гликозата во крвта ќе помогне да се ограничи колку расте вашето бебе, што ќе го олесни раѓањето и ќе го намали ризикот од компликации.

Колку долго доите, исто така, влијае на вашата шанса за развој на дијабетес тип 2. Во една студија е докажано дека, доењето подолго од два месеци го намали ризикот за речиси половина. Доењето повеќе од пет месеци го намалува уште повеќе.

Некои бебиња чии мајки имаат дијабетес или имаат гестациски дијабетес се раѓаат со ниска гликоза во крвта (хипогликемија). Ова не значи дека им треба дополнување со формула или не може да се дојат. Ниската гликоза во крвта на доенчето често најдобро се лекува со рано доење и контакт кожа на кожа со мајката.

Кога планирате бременост…

Ако имате дијабетес (тип 1 или тип 2), важно е да се консултирате со вашиот лекар пред да забремените. Неконтролираниот гестациски дијабетес може да му наштети на вашето бебе. Затоа следете ги советите на вашиот лекар и контролирајте ја редовно гликозата.

Внимавајте колку јаглехидрати јадете. Конуслтирајте се со диететичар нутриционист за да направите план за храна со правилен баланс на инсулин и јаглени хидрати.

Со дијабетес тип 1, можеби ќе ви треба помалку инсулин во раната бременост, но потоа брзо ќе ви треба повеќе во вториот и почетокот на третиот триместар – поради промените во чувствителноста на вашето тело на инсулин.

Придобивките од доењето

За вас (како мајка со дијабетес)

Доењето ја зголемува вашата чувствителност на инсулин и има долгорочни позитивни ефекти врз метаболизамот на гликоза.

  • За дијабетес тип 1, доењето ќе ја намали количината на инсулин што ви треба.
  • За дијабетес тип 2, доењето ќе ја намали сериозноста на вашиот дијабетес.
  • За гестациски дијабетес, доењето значително го намалува ризикот од развој на дијабетес подоцна во животот.
Можеби ќе ви се допадне:   Првите 40 дена – со која динамика се одвиваат подоите?

Доењето ги потиснува вашите менструални циклуси и месечните хормонални промени.

Придобивки за вашето бебе

Истражувањата покажуваат дека вашето бебе ќе биде поздраво во текот на целиот живот доколку е доено. Адаптираното млеко ги зголемува шансите на бебето да развие дијабетес.

Што е со лековите?

Инсулинскиот третман е компатибилен со доењето. Молекулите на инсулин се премногу големи за да влезат во вашето млеко. Доколку треба да користите лекови консултирајте се со консултант за доење за компактибилноста на истите со доењето.

Бидете подготвени…

Имајќи дијабетес може да го зголеми ризикот од следниве проблеми кои можат да влијаат на доењето:

  • Предвремено породување
  • Раѓање со царски рез
  • Хипогликемија кај новороденче (низок шеќер во крвта)
  • Физиолошка жолтица кај новороденчето

Откако ќе се породите…

Бебињата може да имаат хипогликемија по раѓањето

Вашето бебе ќе биде склоно кон хипогликемија (ниско ниво на гликоза во крвта) во текот на првите 12 часа по раѓањето, особено ако сте имале слаба контрола на гликозата во крвта во бременоста. Дури и со добра контрола, вашето бебе ќе биде навикнато на релативно високи нивоа на гликоза пред да се роди. Дополнителниот инсулин што тој го произведува може да доведе до пад на гликозата во крвта по раѓањето. Контактот кожа на кожа и раното често доење ќе помогнат да се избегнат проблеми.

Тестирањето на нивото на гликоза во крвта кај новороденчињата е составен дел од испитувањата веднаш по породувањето. Колострумот е најдобрата храна за вашето бебе ако има хипогликемија. Ако доењето не е започнато можете да дадете складиран колострум (претходно измолзен и складиран во колектор за колострум-може да го нарачате од haakaa.mk)

Можеби ќе ви се допадне:   Можам ли да дојам во текот на бременоста?

Антенатална експресија на колострум (измолзување на колострумот пред породувањето)

Во последните неколку недели од бременоста можете да измолзите малку колострум (рано млеко). Ова може да му се даде на вашето бебе ако не може да дои по раѓањето или ако му требаат додатоци од која било причина, на пр. хипогликемија.

Внимавајте на себе

Како мајка вие сте му потребни на вашето бебе. Кога доите секогаш до вас имајте некоја закуска доколку се осетите омалаксани или се присутни некој од знаците на хипогликемија веднаш земете закуска.

Доколку почувствувате болка во градите или брадавиците веднаш побарајте помош од консултант за лактација. Овие доилки се со ризик за лесен развој на инфекти кои исто така можат да се појават на брадавиците и да се прошират на градата.

Прилагодување на вашата исхрана

Доењето му помага на вашето тело постепено да се приспособува на метаболичките и хормоналните промени што ги доживуваат сите мајки по раѓањето.

Можеби ќе треба да внесувате многу повеќе дополнителни калории дневно додека доите, јадејќи редовно за да го одржите нивото на шеќер во крвта. Ова ќе ви овозможи да ги користите резервите на маснотии без ризик од кетони во крвта и урината.

Одморете се кога можете

Недостатокот на сон може да го отежне управувањето со дијабетесот и да биде причина за стрес, што значи дека нивото на гликоза во крвта ќе биде повисоко. Обидете се да се одморите кога вашето бебе спие и прифатете ги понудите за помош од другите кога ви треба.

Доењето понекогаш е поголем предизвик од очекуваното. Добивањето поддршка може да помогне. Побарајте поддршка од групи за поддршка за доење или консултант за лактација.

Пишува: Јасна Апостолски – Николов дипл.мед.сестра, Меѓународен консултант за доење IBCLC, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници