Да се потсетиме….

 

Разговарано многу пати на оваа тема, достапни текстови за едукација на трудниците уште во бременоста, на новите мајки кои во родилиште се соочуваат со првите мигови од доењето но, сепак и покрај достапноста на информации, работилници од страна на консултантите за доење, употребата на силиконските брадавици е се почеста кај родилките.

Дали ова помагало е навистина непоходно за скоро секоја мајка доилка да го употребува?? Да се навратиме во минатото кога го немало ова помагало и кога мајките слободно доеле без употреба на силиконски брадавици. Која била тајната на нивниот успех? Дали сите имале нормални брадавици или и во минатото се соочувале со проблем на рамни брадавици или вовлечени брадавици? Или едноставно немале силиконски брадавици и спонтано со малку упорност или извлекување со шприц (најстара и сеуште практикувана метода) успевале да ги извлечат брадавиците и правилно да го позиционираат бебето, а потоа тоа да им помогне во извлекувањето.

Секое помагало кое се користи во текот на доењето има своја намена во одреден момент. Причината за овој текст е прекумерната употреба на силиконските брадавици кај скоро секоја доилка. Несоодветната употреба понатаму доведува до низа други потешкотии и пречки кои го отежнуваат доењето. Еве да напоменеме една причина зошто не треба да се употребуваат. Преку силиконската брадавица бебето неможе да воспостави длабок фат на градата, неможе да направи убав вакум за да го постигне ефективниот трансфер на млеко од градата. Времетраењето на подојот се продолжува, бебето останува сеуште гладно и недоволно нахрането. Кај мајката доилка после неколку подои се случува преполнетост на градите која понатаму подлежи на соодветен третман и сето тоа ни го отежнува многу повеќе моментот на доење. Таа преполнетост понатаму може да доведе и до мастит.

Можеби ќе ви се допадне:   Чување на мајчиното млеко

Силиконската брадавица се употребува само доколку има оправдана индикација за да се воспостави доењето. Најчеста причина која доилките ја наведуваат е:

-болка при доењето

-неуспешно поставување на бебето на града

НО, оправдана употреба, секако, да биде привремена се подразбира кај следниве состојби:

-кај предвремено родени бебиња кога се воспоставува доењето

– бебиња кои имаат проблем и треба време да научат да цицаат (при родилна траума или дејство на медикаменти кои ги примала мајката за време на породувањето)

-доколку мајката има меки гради, рамни брадавици, на почетокот се користи силиконската брадавица за да се постигне дразбата кај бебето за отпочнување на цицање доколку тоа неможе да се постигне без силиконска брадавица)

-доколку постои орална аверзија после пригорозна сукција

-несоодветно поставување на града доколку бебето има мала или вовлечена долна вилица

-доколку бебето има расцеп на горна усна

– при трахеомалација или ларингомалација

Совет е да се избегнува користење на силиконски брадавици во периодот од 2-6 ден после породувањето, тоа е оној период кога млекото почнува да надоаѓа –“milk come in”.

www.laleche.org.uk

Доколку доењето е воспоставено со употреба на силиконска брадавица се препорачува следење и консултација со консултант за доење за да се набљудува една доенечка сесија, да се контролира внесот на млекото доколку бебето цица со силиконска брадавица, поставеноста на бебето на градата, да се провери дали мајката знае соодветно да ја намести силиконската брадавца, редовно да се следи напредокот во тежина кај бебето и да се предвиди моментот кога е најдобро време доењето да продолжи без силиконска брадавица (зависно од причината зошто се употребува).

Можеби ќе ви се допадне:   Колку време мајката треба да се измолзува при секоја серија на измолзувања?

Употребата на силиконските брадавици треба да биде привремена. Советите од страна на консултантите за лактација за употребата на силиконските брадаваици е индивидуална кај секоја мајка односно кај секој пар “мајка-бебе”.

Силиконскатта брадавица претствува бариера за контакт на бебето со брадавицата, бариера за најважниот стимул за отпочнување на работа на хормонскиот ланец кој ја раководи лактацијата.Постојат неколку студии кои го докажуваат истото.

Да се обидеме да уживаме во доењето природно и спонтано…

 

Пишува: Јасна Апостолски Николов дипл.мед.сестра, Меѓународен консултант за доење IBCLC, сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници

Извор: Breastfeeding answers-second edition,Nancy Mohrbacher,IBCLC,FILCA