Предвременото породување е еден неочекуван момент. Колку и да веруваме дека мора да бидеме силни за да го пребродиме тој стресен момент сепак длабоко во секоја мајка, кај секој родител предвременото породување предизвикува страв од неизвесноста. Ставуваме дали бебето е стабилно, дали самостојно диши, колку време ке му биде потрбена интензивна нега, колку време ќе биде одвоено од родителите? Во сите тие мигови на мајките им треба поддршка за еден исто така важен момент- стимулирање на лактација.

И како што секогаш ги охрабруваме, стимулацијата на лактацијата нека ви биде момент кој би ве поврзувал со вашето бебе.

Една од многуте приказни но, вредна за мотив на останатите мајки на предвремено родените бебиња.

Мама Ана беше трудница која ги посетуваше часовите за психофизичка подготовка на трудници во Центарот за мајки-Здраво бебе. Како следуваа прегледите во третиот триместар веќе беше подготвена да го прифати она што го велеа лекарите, дека породувањето може да настане порано од очекуваниот термин. Но, со поддршка од другите трудници успешно го надминуваме тој страв од неизвесноста па дури и ако беше само краток момент на нашето дружење на часовите.

И се случи токму тоа бебе Бисера се роди во 34-та гестациска недела со родилна тежина од 1390 грама. Како мајка која ги посетувала часовите за пренатална едукација таа беше запознаена со важноста и улогата на мајчиното млеко особено за предвремено родените бебиња.

Бебе Бисера мораше да остане на интензивана нега, а мама Ана си дојде дома. Следуваше консултација на која таа доби совети како постепено да стимулира лактација и да бидеме подготвени да продолжиме со доење и исхрана со мајчино млеко кога бебе Бисера ќе си дојде дома. И да, тоа беше водечкиот мотив дека за кратко мама и Бисера ќе бидат заедно. Иако, сепарацијата е тешка за сите членови од семејството исто како и другите мајки кои сакаат да дојат мама Ана беше упорна и ги слушаше сите совети, ги применуваше сите насоки. Бевеме пресрекни кога од ден на ден количината на измолзено мајчино млеко се зголемуваше, а уште посреќни кога на мама Ана и беше дозволено да оди во родилиште и таму да се одмолзува па тоа млеко да и го дадат на Бисера. Уште еден светол момент во овој незвесен период.

Можеби ќе ви се допадне:   Бременост и матични клетки од папочна врвка

После 23 дена поминати на интензивна нега со исписна тежина од 1700 грама бебе Бисера си дојде дома. Мама Ана веќе беше спремна и среќна дека Бисера ќе може да цица и двете да уживаат во овој миг. Сигурно се прашувате како бебе од 1700 гр може да цица? Да не ги подценуваме најголемите борци! Рефлексот за цицање се развива од 32-та недла од бременоста и развојот завршува до 36-тата недела од бремноста. Кај некои предвремеродени бебиња рефлексот за цицање е послабо изразен но, со соодветни вежби може соодветно да се развие. Бисера соработуваше од првиот миг, иако мама Ана стравувајќи дека нема да се снајде сама ја доела со силиконски брадавици. По консултацијата успешно ја надминаа оваа препрека и доењето продолжи без силиконски брадавици. Го помнам моментот кога се радувавме на вагата и Бисера тежеше 2000 грама. Мотив за мама Ана, а и причина да верува во себе и да не стравува.  Како минуваа деновите мама Ана беше сигурна дека ќе успеат. Имавме неколку консултации, Бисера продолжи со доење, а следуваа и контролите кај матичен педијатар. Одлично напредуваше по перцентилните криви за раст. На четири месечна возраст беше 4000 грама, на 8 месечна возраст 6840 грама.

Бисера е сега  на возраст од 18 месеци,  нивната доенечка приказна беше успешни 13 месеци! Сеуште се навраќаме на почетоците и си прераскажуваме низ што се поминаа, а сепак имаа успешна доенечка приказна.

Се надеваме дека оваа приказна ќе биде мотив за сите мајки на предвремено родени бебиња дека сепак доењето може да успее.

Можеби ќе ви се допадне:   Важноста на преднаталниот развој врз растот и развојот на децата

Пишува: Јасна Апостолски-Николов, дипл.мед.сестра, IBCLC-Меѓународен сертифициран консултант за доење, Сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници