Дали треба да престанете да доите ако вашето бебе ве гриза? НЕ!! На ова прашање доколку причината е гризење од страна на бебето/детето не е препорака да престанете да доите. Напротив треба да се најде причината.

Постојат бебиња кои никогаш не гризаат, а постои и друга група на бебиња кои гризаат, однесување кое најчесто се појавува кога растат запчињата. Гризењето може да запре со малку поголема упорност од мајката.

Да поделиме неколку совети до мајките:

  • Кога вашите бебиња веќе стануваат поголеми позиционирањето на града не претставува нешто што го контролирате. Всушност тие се веќе големи и самите се позиционираат на градата. Но, лошата поставеност значи и помала количина на млеко која ја цицаат. Зошто е ова важно? Затоа што доколку се правилно поставени и правилно ја празнат градата, за време на подојот има поголем млаз на млеко. Се додека цицаат и имаат поголема количина на млеко тие не размислуваат друго. Но, доколку се намали млазот, а тие се веќе заситени тогаш почнуваат градата да ја користат за да ги чешаат непцата, како цуцла и тогаш можат да ве гризнат.

Совет: Без разлика на возраста на дете правилно поставете го на града, исто како што внимававте при поставувањето во првите денови.

  • Доколку гризањето се јавува на почеток на доенечка сесија, тргнете го од градата, дајте му оладена глодалка да им ја смири болката во непцата, вратете го на градата, правилно да се позиционира и пофалете го.
  • Дајте му до знаење дека гризањето боли – кога ќе ве гризне тргнете го од градата, гушнете го и кажете му дека тоа што го прави ве боли, па потоа пак вратете го на градата. Бебињата незнаат дека вас ве боли, но со самата постапка, ќе му објасните и ќе разбере дека не треба да гриза.
  • Следете го и запомнете го моментот кога ве гриза – се додека активно цицаат се насочени кон тоа, но после активниот дел, гладот веќе е задоволен и почнуваат да цицаат поспоро и со помал интензитет. Најчесто тоа е моментот кога гризаат. Доколку го следите, штом забележите дека вилицата почнува да ја движи, не цица активно, прекинете со доењето. Ставете прст во устата на бебето и внимателно извадете ја брадавицата. Внимавајте и немојте на сила, често се случува да ви ја оштетат брадавицата.
  • Правете компресии – со цел да обезбедите континуитет на поголем млаз на млеко, после активното цицање, кога почнува поспоро да цица почнете со компресии, да се зголеми млазот на млеко. И како што е спомнато погоре, се додека млазот е поголем активно цицаат и не гризат.
  • Сакаат внимание – зборете му, пејте, засмејувајте го. Доколку не им обрнувате внимание (бебето цица, а вие разговарате со некој друг, често гризаат за да го привлечат вашето внимание)
  • Доколку се болни – при настинка, затнато носе често се случува да неможат убаво да цицаат и тогаш гризаат. Консултирајте се со педијатар за соодветна терапија за носето и доите го во поисправена положба. Многу мајки прават потопла бања за да им се одзатне носето или користат навлажнувач за воздух.
Можеби ќе ви се допадне:   Придобивки од хидротерапија и масажа во развој на новороденче и дете

Јасна Апостолски – Николов